Масовни протести против Трамп, милиони Американци на улиците: Не сакаме крал

Масовни протести против американскиот претседател Доналд Трамп се планирани низ целите САД за сабота, а организаторите очекуваат милиони луѓе да присуствуваат.

Протестите наречени „Ден без кралеви“ ќе се одржат во повеќе од 1.500 градови во сите 50 американски држави, како и во неколку земји надвор од САД.

Демонстрациите ќе се совпаднат со воената парада во Вашингтон, која Трамп ја организира по повод 250-годишнината од американската војска. Интересно е што парадата се одржува на неговиот 79-ти роденден.

Според организаторите, протестот „Ден без кралеви“ претставува „национален ден на отпор“ насочен кон „отфрлање на авторитаризмот“. Организиран е од десетици граѓански организации и повеќе од сто продемократски групи, пишува nbcnews .

„Немаме кралеви во Америка“, се вели на официјалната веб-страница на настанот, додавајќи, „тие ги поткопуваат нашите судови, депортираат Американци, луѓето исчезнуваат од улиците, ги напаѓаат нашите граѓански права и ги ограничуваат јавните услуги. Корупцијата отиде предалеку“.

Езра Левин, коосновач на невладината организација „Indevisible“, која стои зад „Ден без кралеви“, во понеделник за MSNBC изјави дека протестите, планирани пред еден месец, предизвикале „огромен интерес“. На ова влијаела и моменталната ситуација во Лос Анџелес, каде што граѓаните протестираат против постапките на Трамп во врска со имиграцијата.

Трамп во вторникот изјави дека ќе преземе мерки против демонстрантите за време на парадата. Тој рече дека ќе нареди употреба на Националната гарда и маринците. Гардата веќе е распоредена во Лос Анџелес и, според гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, ова се случува нелегално.

„Луѓето кои сакаат да протестираат ќе се соочат со многу силен отпор. Дури и не сум слушнал за никакви протести, но знаете, ова се луѓе кои ја мразат нашата земја. И тие ќе се соочат со многу силен отпор“, изјави Трамп.