– Средношколец од американската сојузна држава Лујзијана добил повеќе од 170 писма со позитивен одговор за прием на повисоките образовни установи, а му биле понудени и над девет милиони долари стипендии. Со тоа, ова момче од Њу Орлеанс постави два рекорда.
Младиот Денис Малик Барнс изјави дека првично немал намера да соборува рекорди.
– Како што се пријавував на сѐ повеќе колеџи и како што растеше бројот позитивни одговори, со понуди за стипендии доколку влезам во нивниот колеџ, станав заинтригиран… Кога дознав дека сум блиску до рекордот, само одлучив да продолжам со пријавите, појасни момчето.
Барнс вели дека почнал да ги испраќа пријавите во август 2022 година и „со гордост гледал“ како се собираат позитивните одговори и стипендиите. Тој им дава и неколку совети на своите врсници.
– Тоа не беше изненадување за мене… Јас сум посветен на Бога. За мене Бог е на прво место. Ако го продолжите образованието, и ако наобразбата и посветеноста на Бога ви се најважни, тогаш сигурно ќе бидете успешни во што и да правите, вели 16-годишникот.
Успехот на Барнс е 4,98 и тој ќе дипломира две години порано. Сѐ уште не одлучил на која образовна установа ќе се запише наесен. Претставниците на училиштето каде што учи, велат дека достигнувањето на Барнс поставува нов светски рекорд и се обратија до Гинисовата книга на рекорди за да го официјализираат тоа, според Кларк Касл, претставник на училиштето и Денис Барнс.
– Имам намера да се занимавам со компјутерски науки, а потоа би сакал да одам и на Правен факултет, додава тинејџерот.
Тој досега има испратено пријави на 200 образовни установи, а својата конечна одлука најверојатно ќе ја соопшти пред да матурира на 24 мај.