На тој кобен 30 јули, во западниот кварт на Неапол, 26-годишен работник бил киднапиран од лажни полицајци на кои им било наредено да убијат извесен Салваторе за да решат „семејна афера“.
Салваторе Камарота и Карло Напи, членови на мафијашката група Полверино, обвинети за нарачување и извршување на убиството на невиниот Џулио Џачо (26), извршено на 30 јули 2000 година, ќе се појават на прелиминарното рочиште пред судијката Валентина Џованиело денес во Неапол.
Случајот беше нерешен 23 години, а телото никогаш не беше пронајдено, но сега семејството на жртвата конечно ќе ја добие правдата благодарение на сведочењето на покајникот Роберто Переоне, доверлив човек на водачот на групата Џузепе Полверино и уште двајца членови на мафијашкото семејство. Тие признале дека всушност било голема грешка, пренесува Cronache della campagnia.
На тој кобен 30 јули, во западниот кварт на Неапол, 26-годишен работник бил киднапиран од лажни полицајци на кои им било наредено да убијат извесен „Салваторе“ за да решат „семејна афера“. Имено, неговата смрт ја наредил Камарота поради нападот на Салваторе врз неговата сестра.
Го прашале дали се вика Салваторе, на што тој одговорил: „Не, командире, јас се викам Џулио, јас сум работник, моите родители работат, ние сме чесни луѓе“, но киднаперите не му поверувале. Му рекле дека го носат во касарната на преглед, а потоа во автомобилот му наредиле да ја спушти главата и му пукале во задниот дел од главата. Неговото тело било растворено во киселина, а забите му биле смачкани со чекан, за да се изгуби секоја трага од страшното злосторство што го направиле.
Камарота и Напи му понудиле на семејството на Џулио 30.000 евра во чекови и стан и гаража во Марано со вкупна вредност од 120.000 евра, но тие одбиле. Нивниот адвокат Алесандро Мота рече дека „им веруваат само на одлуките на судските органи и на исходот од кривичното судење“.