Мачу Пикчу повторно отворен за туристи

– Мачу Пикчу, една од главните туристички атракции во Јужна Америка, повторно беше отворена за посетителите  вчера по неколку недели неработење поради немирите.

Протестите предизвикани од соборувањето и затворањето на поранешниот претседател на Перу, Педро Кастиљо во декември го блокираа туризмот на Андите, па и ги принудија властите да го евакуираат Мачу Пикчу. Беа запрени и возовите што сообраќаат меѓу ова историско место и градот Куско. Иако блокадите на патиштата на југот на Перу продолжуваат, последниве денови владее релативен мир.

Повторното отворање уследи по договорот меѓу туристичките компании, властите и тамошната заедница, за гарантирање на безбедноста околу Мачу Пикчу и за превозните услуги.

Мачу Пикчу бил изграден во 15 век, веројатно во времето на Империјата на Инките. Бил напуштен при шпанското освојување, а откриен е во 1911 година од американскиот истражувач Хирам Бингам.