МАЈКРОСОФТ ПРИЗНА: Би му дозволиле на Трамп да шпионира податоци од ЕУ

Мајкрософт признава дека не може целосно да ги заштити корисничките податоци во ЕУ од евентуален надзор од САД.

Американскиот технолошки гигант Мајкрософт им призна на француските власти дека не може да гарантира целосна заштита на податоците на граѓаните на Европската Унија, доколку американската влада побара пристап до тие податоци преку законска рамка како што е Законот CLOUD.

Претставниците на Мајкрософт во Франција, вклучувајќи го и Антоан Карно, јасно ставија до знаење дека дури и податоците физички складирани на сервери во ЕУ не можат целосно да бидат заштитени од евентуален американски надзор.

На директно прашање од францускиот Сенат дали може да гарантира дека САД нема да имаат пристап до француски податоци без дозвола од Париз, Карно рече:

„Не можам да го гарантирам тоа“.

Мајкрософт претходно се фалеше со проектот „Граница на податоци на ЕУ“, чија цел беше да ги задржи сите кориснички податоци и нивната обработка во рамките на Европската Унија. Сепак, се покажува дека регулативата на САД има предност ако компанијата е под нејзина јурисдикција.

„Серверот може да биде во ЕУ, но законот останува американски“, рече Марк Баст, директор на британската фирма за облак Civo.

Закон познат како CLOUD Act, донесен во 2018 година, им овозможува на американските власти пристап до корисничките податоци – дури и ако тие податоци се наоѓаат надвор од САД, ако се чуваат од американска компанија.

Иако Microsoft вели дека досега немало такви барања, тие признаваат дека во случај на правно валидно барање – ќе мора да се придржуваат кон нив.

Корисниците на услугите на Microsoft кои веруваат дека нивните податоци се безбедни затоа што се чуваат во Европа – всушност, тие немаат целосна заштита.

Оваа вест го покренува прашањето за дигиталниот суверенитет и безбедноста на податоците за секој што користи американски cloud услуги, вклучувајќи ги Azure, Office 365, па дури и OneDrive.