– Во екот на насилствата по смртта на Нахел М., кого полицијата го уби во вторникот во париското предградие Нантер, капитенот на репрезентацијата на Франција, Килијан Мбапе, изјави дека насилството во неговата земја мора да запре.
„Насилството не решава ништо, особено кога тоа неизбежно се врти против оние кои го изразуваат“, објави Килијан Мбапе на својот инстаграм-профил.
Дваесет и четиригодишниот фудбалер повика на „мирни и конструктивни“ протести.
„Како и сите Французи, бевме шокирани од смртта на младиот Нахел“, напиша Мбапе, мислејќи на францускиот национален тим.
Мбапе објави дека репрезентативците на Франција, меѓу кои многумина доаѓаат од работнички населби како што е убиениот Нахел, го делат „чувството на тага и болка“.
Мбапе израснал во Бонди, североисточното предградие на Париз.
Франција од вторникот ја потресуваат протести по смртта на Нахел М., кого полицијата го уби во вторникот вечер во париското предградие Нантер, бидејќи не запрел поради сообраќаен прекршок.
Обвинителството на Франција објави дека полицаецот кој го убил тинејџерот е обвинет за убиство со намера и сместен е во истражен затвор.