МВР: Граѓаните да внимаваат на фишинг-линкови, случаите да ги пријавуваат

Секторот за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи забележал зачестена појава на таканаречени фишинг напади преку електронска пошта во која се злоупотребуваат имињата на повеќе македонски компании со цел неовластено прибавување на податоци од нив. Овие пораки, како што наведува МВР, лажно тврдат дека сте сториле повреда на авторски права и содржат фишинг-линкови до наводна документација или барања за преземање на активности.

– Важно и значајно е граѓаните, односно компаниите да знаат дека пораката не е испратена од вистинската компанија, да не кликнуваат на линковите или прилози во пораката, да не одговараат на пораката, да не споделуваат лични информации и веднаш да ја избришат пораката – се вели во соопштението.

МВР информира дека Секторот за компјутерски криминал активно презема мерки и води постапки во врска со вакви измами.

– Доколку сте примиле ваква порака или сте жртва на слична интернет измама, веднаш пријавите го случајот во најблиската полициска станица. Обидите за фишинг обично доаѓаат преку електронска пошта, но и од социјални мрежи, преку текстуална СМС порака или со телефонски повик – стои во соопштението.

Министерството за внатрешни работи апелира на внимателност при добивање на ваквите пораки, да не наседнуваат на измами од ваков тип и нивните лични податоци да не ги споделуваат и разменуваат со непознати лица, како и со лица на кои не може да им се утврди вистинскиот идентитет со цел спречување на нивна понатамошна злоупотреба.