МВР со кривична пријава за поранешен амбасадор во ОН за злоупотреба на службена положба

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против поранешен амбасадор во Обединетите нации за злоупотреба на службената положба и штета на државниот буџет од над 100 илјади американски долари. Во истрагата се опфатени уште тројца дипломатски службеници.

„Пријавениот Љ.Д.Ф. во својство на службено лице – Шеф на Постојаната мисија на РСМ при ООН во Њујорк, во периодот од април 2022 година до октомври 2024 година ја злоупотребил својата службена положба и овластување на начин што постапил спротивно на Инструкција од Министерството за надворешни работи и Мислење од Министерство за финансии“, соопшти МВР.

Поранешниот амбасадор се сомничи дека од уплатените парични средства во вкупен износ од 3.998.721,72 американски долари на сметката на македонската мисија при ОН во Њујорк, по однос на заедничката продажба на сукцесиски објект на СФРЈ во Њујорк, на сметка на државниот буџет уплатил само 3.940.000,00 американски долари, а преостанатите 58.721,72 долари не ги уплатил на сметка на буџетот.

„Овие средства, незаконски и ненаменски ги потрошил и постапил спротивно на Правилникот за финансиско и материјално работење, Упатството за водење на финансиското и материјалното работење, Правилникот за плата, додатоци на плата и надоместоци на определени трошоци и Интерната процедура за начинот и постапката на планирање, спроведување и реализација на јавните набавки“, тврдат од МВР.

Исто така според МВР осомничените злоупотребиле уште околу 50 илјади долари од буџетот кои противзаконски ги исплаќале од благајната, вршеле плаќања од банкарската сметка на ПМ на РСМ при ООН во Њујорк и не ги евидентирале неправилностите направени од страна на пријавениот Љ.Д.Ф. во однос на располагањето со финансиските средства.

Кривичната пријава за четворицата осомничени е поднесена до Основното јавно обвинителство во Скопје, а истрагата ја води Единицата за финансиски криминал.