Гасовод „Power of Siberia – 2“ („Моќта на Сибир – 2“) е најважниот и многу амбициозен извозен проект на компанијата „Гаспром“, но истиот има проблеми. Доколку се постигне договор за изградба на гасовод за испорака на гас од наоѓалиштата Јамал до Кина, Русија би можела да стане најголемиот снабдувач на кинескиот пазар. И иако и со поволен развој на настаните, според експертите, „Гаспром“ нема целосно да ја надомести загубата на европскиот пазар, новата рута силно ќе влијае на бизнисот на рускиот пазар. Меѓутоа, проблемот е што кинеските власти имаат алтернативи за руските испораки и затоа можат да ги добијат најповолните услови за себе во преговорите.
Во моментов, „Гаспром“ ја снабдува Кина со гас преку постојниот гасовод, „Моќта на Сибир – 1“, од кој се очекува да протечат 38 милијарди кубни метри гас во 2025 година, а уште десет милијарди кубни метри ќе течат низ гасоводот „Сахалин“, но дури по 2027 година. Но, ако „Гаспром“ успее да склучи договор за новиот гасовод „Моќта на Сибир – 2“ и да продаде дополнителни 50 милијарди кубни метри годишно на кинеската државна компанија CNPC, рускиот удел на пазарот на гас во Кина би можел да достигне 15 до 20 отсто до 2035 година. Во комбинација со испораките на ЛНГ, ова ќе ја направи Русија најголемиот увозник на гас во Кина.
„Моќта на Сибир – 2“ треба да оди од полињата Јамал на „Гаспром“ преку западен Сибир и Монголија до североисточните провинции на Кина. За ова се разговараше во средината на 2000-тите години, бидејќи тогаш веќе беше јасно дека огромните резерви на Јамал ќе бидат доволни за извоз и на запад и на исток. Меѓутоа, проектот беше одложен бидејќи до неодамна гасот од наоѓалиштата Јамал одеше само во Европа, но по руската агресија врз Украина, ЕУ де факто го затвори пазарот за руски гас, па постои опасност и Јамал да биде затворен.
Откако беа стопирани гасоводите „Северен тек“ кои водат од Јамал до Европа, „Гаспром“ загуби извоз од околу 80 милијарди кубни метри годишно и сега има само еден пазар во светот кој може да прифати обем од слични размери, а тоа е Кина. Гасоводот „Моќта на Сибир – 2“ ќе се состои од два дела: 2.600 километри поминувајќи низ територијата на Русија до границата со Монголија, а потоа крак од 960 километри кои оди преку Монголија до границата со Кина, а понатаму до потрошувачите во Пекинг, Шангај и уште неколку поголеми центри.
Русија на тој начин се обидува да ја компензира загубата на пазарот на Европската унија. Додека извозот на гас во ЕУ донесе 20 милијарди долари, таа првично треба да заработи околу 4,3 милијарди долари од Кина. Количината на испораки во Кина исто така ќе биде помала отколку во Европа: Русија во 2021 година извезла околу 155 милијарди кубни метри гас во Европа, додека испораките во Кина, дури и во случај на почеток на гасоводот од „Сахалин“ и „Пауер“ како и растот на количините на ЛНГ, тие проценуваат на 110 милијарди кубни метри годишно. Кина е вреден пазар, кој годишно троши 365 милијарди кубни метри гас, а се проценува дека во 2030 година потрошувачката ќе изнесува 600 милијарди кубни метри, а во 2040 година дури 700-800 милијарди кубни метри.
Меѓутоа, проблемот на Русија е што Кина не сака да зависи од една земја за енергија, дури и кога тие се во сојуз на интереси, како сега со Москва, а наспроти Запад. Главен ривал на Русите е линијата „Д“ од Туркменистан, која има годишен капацитет од 30 милијарди кубни метри, а Кинезите можат да бираат. Во Пекинг ги користат проблемите на Русија, која со прекинот на испораките во ЕУ се најде во ќорсокак и мора да избере помеѓу затворање на дел од депозитот Јамал или прифаќање кинески услови.
На крајот на краиштата, во два наврати годинава, на средбите меѓу Си Џинпинг и Владимир Путин во март и октомври, се очекуваше Русија и Кина да потпишат договор за „Моќта на Сибир – 2“, но залудно. Затоа премиерот на Русија, Михаил Мишустин, наскоро ќе замине во Пекинг на состанок на меѓувладината комисија, а потоа руските власти ќе ја имаат последната шанса оваа година да забележат напредок во преговорите за гасот.
Не се работи само за пари туку и за сложената геополитичка ситуација. Од една страна, за Кина, купувањето дури и многу евтини руски енергетски ресурси е во конфликт со традиционалната политика на диверзификација на изворите на суровини. Но, од друга страна, се верува дека на Кина и е потребна нова рута на гасоводот од Русија за да се обезбеди сигурност во снабдувањето со енергија, бидејќи во случај на ескалација на ситуацијата околу Тајван, маршрутите преку кои ЛНГ стигнува до Кина можеби нема да бидат достапни. Во исто време, договорот за „Моќта на Сибир – 2“ ќе значи дека Кина се обложува на стабилноста на антизападниот режим во Москва, и тоа долгорочно.