Дмитриј Медведев, поранешниот претседател и премиер на Русија а денес заменик-претседател на Рускиот совет за безбедност, објави на мрежата X откако размената на воени заробеници и телата на загинатите војници меѓу Русија и Украина не се одржа денес.
„Киевските негодници не сакаат да ги преземат телата на своите мртви војници. Постојат две причини: се плашат да признаат дека ги има 6.000 и не сакаат да им платат на вдовиците. Какви сатански ѓубриња! Ќе горите во пеколот“, напиша Медведев.
Во понеделник, Русија и Украина ја одржаа втората рунда мировни преговори во Истанбул, каде што се договорија за нова размена на воени заробеници, со акцент на најмладите и најтешко повредените, како и за враќање на телата на 12.000 мртви.
Медински рече дека Русија започнала со предавање на повеќе од 6.000 тела на убиените, како и размена на ранетите, тешко болните и затворениците под 25 години.
Тој додаде дека 1.212 тела на мртви Украинци се наоѓаат во ладилници на локацијата наменета за размена, но дека таму нема претставник на Украина.
Украинската агенција задолжена за воени заробеници објави дека руските тврдења „не одговараат на реалноста или на претходните договори за размена на заробеници или репатријација на телата“. Агенцијата потврди дека навистина е постигнат договор за репатријација на телата на загинатите, но дека не е одреден датум и дека Русија се свртела кон „еднострани дејствија“ што не биле дел од договорот.