Тенисот што го игра Србинот Новак Ѓоковиќ се потценува, оцени легендарниот американски тенисер Џон Мекинро, додавајќи оти освојувачот на 21 грен – слем титули заслужува поголемо почитување од публиката.
-Роџер Федерер и Рафаел Надал се меѓу најталентираните и најценети играчи кои некогаш сме ги виделе. За мене, Роџер играше најубав тенис, додека интензитетот на Рафа е неверојатен. Меѓутоа, Новак направи фантастична работа „вмешувајќи“ меѓу нив двајца и веројатно во еден момент обајцата ќе ги надмине, изјави Мекинро.
Легендарниот американски тенисер додаде дека стилот на игра на Ѓоковиќ се потценува.
-Неговиот стил на игра е технички исклучително цврст, а неговата ментална сила, исто така, е импресивна, истакна Мекинро.
Ѓоковиќ утре против Гркот Стефанос Циципас ќе игра во финалето на Австралија опен и со победа по десетти пат ќе триумфира во Мелбурн и ќе ја освои 22. грен – слем титула со што би го израмнил рекордот на Рафаел Надал.