Мексико распореди 10.000 војници долж границата со САД

Мексико распореди 10.000 војници долж својата граница со САД за да спречи илегални премини на мигранти, откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе царина од 25 отсто за мексиканската стока, ако мексиканските власти не ја спречат илегалната миграција и шверцот со фентанил.

Припадниците на мексиканската национална гарда беа распоредени меѓу Сиудад Хуарез, Мексико и Ел Пасо, Тексас, во средата, објави АП.

Најмалку 1.650 војници се очекува да бидат испратени во Сиудад Хуарез, а речиси 2.000 војници ќе бидат испратени во Тихуана, според владините податоци.

Трамп рече дека ќе го одложи воведувањето царини за Мексико најмалку еден месец, откако мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум вети дека ќе ја испрати Националната гарда да ја зајакне границата и да го спречи шверцот со фентанил.

На 20 јануари Трамп прогласи национална вонредна состојба на границата меѓу САД и Мексико.