Меланија му пиша на Путин: Трамп му го предаде писмото

Првата дама на Соединетите Американски Држави, Меланија Трамп, испрати лично писмо до рускиот претседател Владимир Путин.

Имено, Меланија Трамп  изрази загриженост во писмо за киднапирањата на деца за време на војната во Украина, потврдија двајца претставници на Белата куќа.

Писмото му го предал на Путин американскиот претседател Доналд Трамп за време на самитот во воздухопловната база Елмендорф-Ричардсон во Алјаска, изјавија официјални лица за Ројтерс.

Меланија Трамп, која не присуствуваше на состанокот, во своето писмо се осврна на тешката положба на децата погодени од војната во Украина и Русија.

Содржината на писмото не беше објавена, но официјални лица изјавија дека во него конкретно се споменуваат киднапирања на деца. 

Киев ја обвинува Москва за насилно преместување на десетици илјади деца на руска територија или области под руска окупација, без согласност на нивните родители или старатели. 

Украинските власти го сметаат ова за воено злосторство и геноцид според дефиницијата на ОН.

Русија ги негира овие тврдења и тврди дека евакуирала деца од воените зони за нивна заштита.