Мелони го предлага својот план за мир во Украина

Италијанската премиерка Џорџија Мелони предложи повоена безбедносна гаранција што би барала од сојузниците на Украина да одлучат во рок од 24 часа од обновениот руски напад дали да испратат војници или не, објави Блумберг на 20 август, повикувајќи се на извори запознаени со дискусиите.

Европските лидери и другите украински сојузници ги забрзаа разговорите за безбедносните гаранции за Киев по самитот на американскиот претседател Доналд Трамп со рускиот претседател Владимир Путин на Алјаска. Воените лидери на НАТО се состанаа виртуелно на 20 август за да разговараат за безбедносната поддршка.

Мелони поддржува план сличен на клаузулата за колективна одбрана од Член 5 на НАТО, изјавија извори за Блумберг. Предлогот не го вклучува членството на Украина во НАТО, објавува Телеграф.

Принципот на колективна одбрана на Алијансата, загарантиран во Член 5, ги обврзува земјите-членки да обезбедат воена поддршка на која било друга земја-членка во случај на напад. Мелони првпат ја покрена идејата за проширување на одбраната според Член 5 во Киев – без покана од НАТО – во март 2025 година.

Мелони беше исто така еден од осумте европски лидери кои му се придружија на Зеленски во Белата куќа на 18 август за да се сретнат со Трамп и да разговараат за безбедносните гаранции за повоена Украина.

Предлогот на Мелони сега е меѓу оние што ги разгледуваат европските лидери, додека претседателот Володимир Зеленски се подготвува за директни преговори со Путин. Планот би барал од земјите што потпишале безбедносни договори со Украина да размислат и брзо да реагираат во случај на уште еден руски напад по мировниот договор.

Опциите за одговор би вклучувале поддршка за одбрана, економска помош и санкции против Русија, велат луѓе запознаени со дискусиите. Не е јасно дали планот би вклучувал испраќање војници во Украина од страна на поединечни европски земји.

„Блумберг“ претходно објави дека околу 10 европски земји се подготвени да испратат војници во Украина како дел од мировните сили што би ја спречиле Русија да започне нов напад со што ќе го прекрши мировниот договор.

Кремљ ги отфрли овие безбедносни предлози, а рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на 20 август изјави дека Русија треба да биде една од земјите што ѝ нудат безбедносни гаранции на Украина.

„Сериозната дискусија за безбедносните прашања без Русија е пат што не води никаде“, рече тој.