Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) од Штип и швајцарскиот Универзитет на Луцерн (ХСЛУ), денеска на УГД ќе организираат настан за поддршка на стартапи, мали и средни претпријатија – „Tailored Booster Week for Startups and SMEs”.
Настанот ќе се одржи на Правниот факултет на УГД, а се организира по повеќемесечна менторска програма која за македонски компании ја реализираа експерти од Швајцарија.
– Како резултат на соработката со Универзитетот во Луцерн, девет македонски стартап-компании од Штип и регионот, низ процес на селекција добија бесплатна можност за менторска поддршка од професори и магистранди од Швајцарија, за доразвивање на нивните бизнис-идеи, изработка на бизнис-планови и подобрување на иновативноста на нивните производи, соопшти Универзитетот од Штип.
Најавени се поздравни обраќања на ректорот на штипскиот Универзитет, Дејан Мираковски, амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман, и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.