Препознавање процеси за рециклирање на трендот за исцртување нови граници во регионов.
Менување на постојните граници во Европа и особено на Балканот е една од постојаните заложби на ДУИ и неговата Демократска унија за интеграција. Албанските медиуми ја регистрираа изјавата на Али Ахмети во „Меморијалниот комплекс“ во селото Сопот дека многу скоро „ќе паднат границите со Албанија и Косово, а обединувањето на Албанците во Европа ќе биде заедно со другите народи“.
– Ќе ги отстраниме границите како што и Европа ги тргна. Затоа што не му должиме никому ништо, за да мораме да останеме изолирани и подгрбавени. Нашата иднина е во Европа. Албанците ќе ги отстранат границите со своето членство во Европа, исто како што сме во НАТО заедно со Албанија и утре со Косово. За мене е големо постигнување да се отстранат границите, бидејќи паѓањето на границите е иднината и слободата на народите – дословно изјавил лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Научни студии како пробни балони
Во својата научна студија со наслов „Распаѓање, продолжување и сукцесија во Источна Европа“, објавена во 2024 година, д-р Брижит Стерн, професорка по меѓународно право и меѓународни студии во Универзитетот Париз 1 – Пантеон Сорбона, во Франција, и во Институтот за меѓународни студии во Женева, во Швајцарија, предупредува дека „создавањето нови граници врз етнички основи“ во Европа може да доведе до распад на постојните држави и создавање нови држави дури и преку судири и крвопролевања. Стерн посебно укажува на примената на меѓународниот принцип „uti possidetis“ во случаите кога се „цртаат“ нови етнички граници („uti possidetis“ – термин произлезен од римското приватно право, каде што бил назив на постапка за поседување земјиште, а потоа е преземен и во меѓународното право со повеќекратно значење, а едно од значењата е и суверено право на поседување одредена територија – заб. прев.).
– Обидите да се формираат нови, природни граници, посебно врз основа на етнички и историски критериуми често се проследени со крвави судири. При територијалното распаѓање на поранешна Југославија беа пројавени територијални претензии, кои поттикнаа конфликти, па дури и крвопролевања. Искуствата од распадот на Југославија и некои други држави потврдуваат дека при создавањето нови граници може да се случи и примена на принципот uti possidetis и формирање нови држави – нагласува д-р Брижит Стерн.
Косовскиот безбедносен експерт Шала предупредува дека Македонија ќе биде загрозена доколку почнат промени на границите на Балканот
Експертот за безбедност од Косово Дризан Шала предупредува дека ќе биде загрозено постоењето на Македонија и Црна Гора ако се променат границите и во Балканот. Тој преку медиумите дури и јавно ги повикува властите во Тирана и Приштина да бидат подготвени „да ги реализираат државните интереси на албанскиот народ откако би се извршила можната корекција на границите во вид на размена на териториите меѓу Косово и Србија“.
Експертот за безбедност од Косово Дризан Шала го истакна тоа преку косовскиот весник на албански јазик „Бота сот“ во својата политичка анализа со наслов „Аларм за промена на границите на Балканот / Експерт ја активира ’бомбата‘: Исчезнуваат две држави – Македонија и Црна Гора“.
Никовски: За Македонија ќе биде сериозно поопасен концептот на Заедница на српски општини на Косово
Поранешниот дипломат и сега политички аналитичар Ристо Никовски во изјава за „Нова Македонија“ смета дека територијалните прашања во Украина, како дел од разговорите меѓу американскиот претседател Трамп и рускиот претседател Путин не би требало да има пошироки последици во Европа, туку нешто друго повеќе би требало да нѐ загрижува.
– Клучно е да заврши војната, а таа беше меѓу САД и Русија, при што Украина и Европа беа само странични штети. Нејзиниот крај не може да биде без поголеми украински жртви бидејќи Трамп е во право – Зеленски, а со тоа и Киев имаат голема заслуга што дојде до војната. Преседанот во Украина не би требало да има никакви директни последици на Балканот. Дури и ако косовското прашање се решава со одвојување или, поточно, со враќање на северниот дел – на Србија, каква што беше намерата на Трамп, во првиот мандат. Едноставно, тоа би било завршување на неговото отцепување кое, да потсетиме, беше – нелегално! За Македонија ќе биде сериозно поопасен концептот на Заедница на српски општини на Косово. Тоа ќе биде мотив за Албанците во земјава да бараат слично решение, што ќе значи крај на унитарниот карактер на државата и нејзина дефинитивна федерализација. Што значи тоа, нека си мисли секој сам – нагласува Ристо Никовски за нашиот весник. П.Р.
Косовски „Бота сот“ („Светот денес“) предупредува на сѐ позасилени индикатори за промена на границите на Балканот
Уривањето на Дејтон и Рамбуе би имало домино-ефект
„Нова Македонија“ пренесува некои од покарактеристичните делови на гореспоменатата анализа во косовскиот весник на албански јазик „Бота сот“. Експертот за безбедност Дризан Шала вели дека има низа опипливи фактори што силно тежнеат да се откочи еден процес на менување на државните граници, да се врати на сцената.
– Геополитичката ситуација се менува и се обликува одново под директно влијание на геостратегијата, која играше улога како основа на колективната безбедност на Западен Балкан. Државите победници во војните во 90-тите години од минатиот век, а сега и меѓународниот чинител, сфатија во премолчена форма дека ќе треба да се променат државните граници, зајакнувајќи три држави во Балканот, кои се еднакви во воен, политички и економски формат – Албанија, Хрватска и Србија. Промените, кои се потребни за размена на територии, без сомневање можат да добијат внимание од новата политичка класа по промените на претседателските избори во САД. Обидите за уривање на договорите од Дејтон и Рамбуе и ако потоа се променат границите и на Балканот ќе го доведат несомнено во прашање постоењето на Црна Гора и Македонија… – нагласува Дризан Шала.
Овие ставови, објавени во „Бота сот“, содржат сериозни предупредувања, кои не би требало да се игнорираат, дека во случај на каква било промена на државните граници во Европа и особено на Балканот би можеле да следуваат сериозни последици поврзани не толку со територијалниот интегритет и суверенитет на нашата држава туку со промена на унитарниот карактер на Република Македонија… П.Р.
Според тројцата потписници на декларацијата, министрите за одбрана на Хрватска, Албанија и на Косово, „новата геополитичка ситуација бара создавање нови и зајакнување на постојните сојузи, а Хрватска, Албанија и Косово имаат силен заеднички интерес за зачувување на стабилноста во Југоисточна Европа“
Хрватска, Албанија и Косово потпишаа Декларација за зајакнување на одбранбената соработка
Создавање нови балкански сојузи
Хрватска, Албанија и Косово потпишаа Декларација за зајакнување на одбранбената соработка. Декларацијата, за која се вели дека придонесува за безбедноста на Југоисточна Европа во Тирана, Албанија, ја потпишаа министрите за одбрана на трите земји: Иван Анушиќ, Пир Венгу и Ејуп Маќедончи. Во декларацијата се нагласува „важноста на заедничките одговори на безбедносните предизвици, хибридните закани и другите ризици, кои би можеле да ја загрозат регионалната стабилност“. Документот ги промовира одбранбените способности и соработката меѓу одбранбените индустрии, зајакнувањето на интероперабилноста преку образование, обука и вежби, спротивставување на хибридните закани и целосна поддршка за евроатлантската интеграција. Според тројцата потписници на декларацијата, министрите за одбрана на Хрватска, Албанија и на Косово, „новата геополитичка ситуација бара создавање нови и зајакнување на постојните сојузи, а Хрватска, Албанија и Косово имаат силен заеднички интерес за зачувување на стабилноста во Југоисточна Европа“.
– Нашите односи со Косово и Албанија се долги и пријателски, а соработката што ја развиваме се заснова на сојузништво и заеднички интереси… Целта е да се зајакнат политичката и одбранбената соработка на нашите земји и да се поддржат Косово и Албанија на нивниот евроатлантски пат – рече хрватскиот министер за одбрана Иван Анушиќ. Во врска со ова Белград најавува дека ќе бара итно објаснување од министерствата за надворешни работи на Хрватска и на Албанија во врска со потпишаниот документ. П.Р.