МЕПСО: Имавме краток прекин на преносот, но тоа не е причината за прекин на снабдувањето со електрична енергија во блок 1 кај РЕК Битола

МЕПСО соопштува дека далноводот кој го снабдува блокот 1 до РЕК Битола постојано е под тензија и нема проблем со снабдувањето со електрична енергија како што се наведува во информацијата на РЕК Битола дека блок 1 е оставен без напојување со електрична енергија поради дефект на линијата.

– По последниот испад кој без напојување го остави Блок 1 во РЕК Битола, а за кој прстот на одговорност овој Комбинат веднаш и неосновано го впери кон АД МЕПСО, нашата компанија одлучи да излезе со соопштение со прецизен и објективен приказ на настаната ситуација. Денеска, дождот и ветерот во Битола предизвикаа краток испад на 110 кв далекувод ТС Битола 2 – ТС Битола 4, но посочуваме дека овој испад не е причина за прекин во нормалното напојување на Блок 1 во РЕК Битола. Далекуводот кој со електрична енергија го напојува овој блок, за цело време е под напон и на него нема никаков проблем со напојувањето, нагласуваат од АД МЕПСО.

Од таму велат дека ваквиот чекор за префрлање на одговорноста за прекинот на РЕК Битола на АД МЕПСО, го сметаат за неразумен и тенденциозен, но пред се како обид за прикривање на внатрешните проблеми.

АД ЕСМ претходно до медиумите испрати информација дека електраната РЕК Битола работи само со еден блок – Блок 3, бидејќи блокот 1 остана без струја поради прекин на далноводот МЕПСО.