Мерис: За време на белгиското претседателство сакаме да постигнеме резултати во проширувањето на ЕУ

Амбасадорот на Белгија во Македонија, со седиште во Софија, Фредерик Мерис, вечерва на настан организиран од Европското движење, ги презентираше приоритетите на белгиското претседателство со ЕУ, меѓу кои, како што истакна, посебен акцент ќе биде ставен на проширувањето .

„Проширувањето на ЕУ е исто така многу важна тема на агендата на белгиското претседателство. Белгија е убедена во стратешкото значење на проширувањето. Таа, исто така, е убедена дека тоа е процес заснован на заслуги и бара реформи.

Но, исто така, за време на нашето претседателство, сакаме да постигнеме некои резултати во однос на проширувањето, сакаме да имаме преговарачка рамка со Украина и Молдавија, како и меѓувладини конференции со Албанија и Македонија, како и отворање нови поглавја со Србија и Црна Гора“, изјави Мерис.

Амбасадорот го спомена и новиот план за раст на Западен Балкан, во кој, како што рече, мора да се финализираат сите финансиски регулативи, кои мора да се воведат за побрзо да се спроведуваат.