Мерц очекува војната во Украина да трае долго

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави во неделата дека е подготвен војната во Украина да трае долго, со оглед на тоа што војните обично завршуваат со воен пораз или економска исцрпеност, сценарија што не ги гледа на хоризонтот ниту за Киев ниту за Москва.

Коментарите на Мерц доаѓаат еден ден пред истекот на рокот поставен од американскиот претседател Доналд Трамп за средба меѓу претседателите на Русија и Украина, со цел да се отвори патот за мировни преговори.

Трамп се закани со „последици“ доколку состанокот не се одржи.

Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон рекоа дека вината е кај рускиот претседател Владимир Путин и ги повикаа САД да воведат построги санкции против Москва.

„Внатрешно се подготвувам оваа војна да трае долго“, рече Мерц во интервју за јавниот радиодифузен сервис ZDF, пишува Ројтерс, според Телеграф.

Се прават напори преку интензивни дипломатски иницијативи за што поскоро завршување на војната, но тоа не може да биде „по цена на капитулација на Украина“, бидејќи Русија едноставно би се нафрлила на друга земја, рече тој.

„А потоа, задутре, тоа ќе бидеме ние“, додаде Мерц. „Тоа не е опција.“

Тој одби да зборува во интервјуто за прашањето за евентуално распоредување на германски трупи во Украина како дел од безбедносните гаранции во случај на мировен договор.

Велика Британија и Франција предводат предлог за „безбедносни сили“ за одвраќање на потенцијална идна руска агресија во овој контекст, но перспективата Германија да им се придружи предизвика загриженост во земјата обележана со траги од нејзиното нацистичко минато.

Кремљ во неделата соопшти дека европските сили ги попречуваат мировните напори на Трамп и дека Русија ќе продолжи со својата операција во Украина сè додека Москва не види реални знаци дека Киев е подготвен за мир.