Металика ќе одржи виртуелни концерти во рамките на видео играта Фортнајт

Американскиот бенд Металика ќе одржи виртуелни концерти во рамките на онлајн видео играта Фортнајт, создадена од компанијата Епик Гејмс.

Концертите ќе се одржат на 22 јуни во 14, 17 и 23 часот, како и на 23 јуни во 10,14 и 17 часот веб-страница.

Нема многу детали за тоа што подразбира концертот на Металика во видео играта, но се претпоставува дека ќе биде сличен на претходните настапи на музичари како Еминем или Аријана Гранде во Фортнајт.

Епик Гејмс сѐ повеќе работи на поврзување на виртуелниот свет на Фортнајт и реалниот свет, а неодамна воспостави соработка со компаниите Лего и Дизни.

Во февруари Дизни објави дека ќе инвестира 1,5 милијарди долари во компанијата Епик Гејмс, што е досега најголемата инвестиција на Дизни во индустријата за видео игри.

Двете компании ќе работат заедно за да создадат универзум на видео игри што ќе ги користи ликовите и приказните на Дизни за да го поврзе со видео играта Фортнајт.

Како што е наведено на порталот Статиста, Епик Гејмс се очекува да генерира бруто приход од приближно 5,8 милијарди долари во 2024 година.

Врз основа на статистичкиот модел, се проценува дека компанијата ќе го зголеми својот бруто приход на шест милијарди долари во 2025 година и на 6,2 милијарди долари во 2026 година.