Поранешниот албански претседател и актуелен лидер на Партијата на слободата Илир Мета и неговата сопруга Моника Круемади се разведуваат по 26 години брак, што е главна тема во домашните медиуми.
Информацијата ја потврди Мета, кој наведе дека веќе доставил барање до Судот во Тирана, но она што посебно се издвојува е дека Мета како адреса на живеење ја напишал онаа на канцелариите на Партијата на слободата на улицата „Сами Фрашери“, каде според медиумите живее.
Мета изјави дека тој и Круемади тргнале по законскиот пат по ова прашање, а го известил и синот Бесар Илир Мета(24).
-Госпоѓата Моника Круемади е веќе моја поранешна сопруга и го следев правниот пат за оваа работа и го известив и мојот син Бесар Илир Мета, кој пред малку ми рече дека кога имаме толку тензии и проблеми меѓу себе, можеш да најдеш помирно решение и верувам дека најдов решение, изјави Мета.
По објавувањето дека се разведуваат, Круемади за медиумите, изјавила дека во моментов не претпочита да ја коментира одлуката на нејзиниот сопруг и дека „прво сака да ги знае причините што го натерале господинот Мета да поднесе барање за развод“.
Мета и Круемади, имаат три возрасни деца.
Нивното патешествие започна кога беа на чело на социјалистичката младинска организација ФРЕШ, а потоа продолжија во пазувите на социјалистичкото семејство до 2004 година, од каде што и двајцата заедно со друга група социјалисти се отцепија, формирајќи го
Социјалистичкото движење за интеграција. Во периодот додека Мета беше шеф на државата, таа ја предводеше партијата, по што палката ја презеде Мета и го смени името во Партија на слободата.
Овој потег на поранешниот претседател доаѓа во време кога Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК го истражува богатството на семејството Мета.