Мециновиќ: Моменталната ароганција на функционерите од Владата ги преминува сите граници

Засега не сме размислувале, но ние еднаш веќе побаравме толкување на Етичкиот кодекс и како во сцена од „Монти пајтон“, добивме навреда, рече пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ запрашан дали на собраниската Kомисија за човекови права со која раководи член на Левица, планираат да иницираат расправа за инцидентот меѓу министерката Гордана Димитриеска-Кочоска и пратеничката Славјанка Петровска.

Според него, секое понатамошно барање на толкување на Етичкиот кодекс и на однесувањето на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, не е во нивни раце, туку во рацете на претседателот на Собранието, Африм Гаши.

-Ова треба да се разбере како што е. Ако претседателот не може да го задржи достоинството на Собранието, треба да си даде оставка ако на долг рок не успее нешто да се преземе. Моменталната ароганција на функционерите од Владата ги преминува сите граници. Во Собранието ова е законодавна власт и нема никаква врска со извршната власт. Ние ја гласаме законодавната власт и таа е највисокиот израз на политичката волја на пратениците. Ако претседателот не ја гледа таа задача дека треба да го чува достинството на народната волја, тогаш се повлекуваат други предизвици. Во оваа фаза, не е нас да го расправаме во нашите комисии. Ова е прашање за самите владини пратеници, додаде Мециновиќ во изјава од Собранието.

Министерката за финансии не се извини по упатената навреда кон пратеничката на СДСМ откако на седницата за пратенички прашања во Собранието ѝ рече дека таа „не треба да коментира за семејната месечна потрошувачка кошничка“.

-Вчера бев многу јасна. Јас очекувам овој случај да биде затворен. Веќе изразив желење за целиот контекст. Таа самата го знае тоа дека немав намера никого да навредав. Таа глуми жртва откако претходно се искоординиралекако да настапат. Ниту една туѓа навреда кон мене нема да ме натера да навредувам. За мене таа тема е затворена и се фокусирам на мојата работа за која имам одговорност, истакна меѓу другото Димитриеска Кочоска во своето обраќање.