Проекцијата на Меѓународниот монетарен фонд за растот на македонската економија е блиска до проекцијата при подготовката на Нацрт-буџетот за 2023 година, оцени попладнево Министерството за финансии.
Во соопштение наведува дека ММФ ги подобрува значајно изгледите за домашната економија за годинава.
„Меѓународниот монетарен фонд ги подобри очекувањата за растот на македонската економија со есенските проекции. Во Светскиот економски преглед, кој Фондот го објави вчера, растот на домашната економија за 2023 година е проектиран на 2,5 проценти или за 1,1 процентен поен повисоко во однос на проекциите на ММФ од април годинава. Во однос на стапката на инфлација, ММФ очекува истата да продолжи да се намалува годинава и следната година, додека во 2025 година би се вратила на историски ниските вредности од околу 2 проценти и би се задржала на тоа ниво следните години“, велат од Министерството за финансии.
Интересно е, посочуваат од Министерството за финансии, дека ММФ ги подобрува значајно изгледите за домашната економија за годинава, истовремено кога минимално ги намалува проекциите на нашите најголеми трговски партнери – евро зоната и Германија на 0,7 проценти и – 0,5 проценти во 2023 година, што укажува на поголема отпорност и подобри перформанси на економијата, имајќи го предвид неповолното влијание од окружувањето.
Очекувањата за растот во регионот во најголем дел се блиску до очекувањата за домашната економија (Бугарија 1,7 проценти, БиХ, Србија и Словенија 2 проценти, Грција 2,5 проценти и Хрватска 2,7 проценти), додека малку повисок раст се очекува во Албанија, Косово и Црна Гора (3,6 проценти, 3,8 проценти и 4,5 проценти, респективно). На среден рок, ММФ очекува забрзување на растот на домашната економија на стапки од 3,5 проценти, намалување на долгот на општата Влада и стапката на невработеност.