Со коментар дека ова не е првпат да доживува компликации на почетокот на еден Грен Слем турнир, го прашаа Новак Ѓоковиќ како го користи своето искуство во вакви моменти за да го надмине.
„Мислам дека тоа се случува спонтано со мене, преку процес на усогласување како се чувствувате на теренот и надвор од него, наоѓање рамнотежа. Сега веќе сум на крајот од вирусната инфекција, но многу ме спречува да го дадам максимумот што знам да го дадам – затоа што кога се чувствуваш лошо и се бориш со некоја болест, ја немаш таа острина. Чувствувам дека тоа ми недостасува, особено на форхенд страната. Досега имам направено многу грешки, а често и противниците ме фаќаат на изненадување, на погрешна нога. Чувствувам дека не се движам добро“, објаснува Новак Ѓоковиќ.
„Има многу пропусти во играта, но – повторно – во третото коло сум, најдов начин да победам на два долги натпревари. Доброто од Грен Слем турнирите е што секогаш имам ден за одмор и тренинзи помеѓу настапите и се надевам дека вечерва ќе помине добро бидејќи последните пет-шест дена не беа идеални во однос на одмор и спиење. Ќе се обидам да подобрам одредени детали, биомеханички елементи, тактички идеи на следниот тренинг – но овие работи не се подобруваат преку ноќ, свесен сум за тоа. Интензитетот и нивото на турнирот се зголемуваат, противниците се подобри. Мислам дека ждрепката не ми е воопшто лесна, за противниците имам тенисери кои играат феноменално. Еве сега играм против Ечевери кој можеби го игра тенисот на својот живот на тврда подлога; многу убедливо ги победи Мареј и Монфис. Толку пати сум бил во слични ситуации што знам што да правам и ќе се обидам да се прилагодам на овие околности и да дадам се од себе“, истакнува Новак Ѓоковиќ.