Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство попладнево соопшти дека подготвило и до Министерството за економија доставило анализа на цените за земјоделските производи, пред се на овошје и зеленчук.
Од МЗШВ нагласуваат дека ги следат трошоците кои земјоделците ги имаат за производството и согласно тоа се креираат мерките за поддршка на домашното производство.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство посочува дека даваат поддршка за замрзнувањето на цените на овошјето и зеленчукот, бидејќи, како што велат, таквото замрзнување во овој период нема да влијае на намалувањето на откупните цени за земјоделците.
– Притоа следиме два параметри преку кои ги креираме мерките, а тоа е системот за следење на производствената цена на фарма, односно колку се реалните трошоци за производство на земјоделците и пазарниот информативен систем каде се следат цените на големо и мало за земјоделските производи. Истите се формирани од производствените трошоци кои ги имаат земјоделците и од маржата на трговците со земјоделски производи. Оттука, согласно анализите, сакаме да напоменеме дека цената на пазарот е значително повисока од цената која што ја добива самиот производител и кај продажната цена голема улога има маржата поставена од откупувачите и трговците, се наведува во соопштението на МЗШВ.
Од Министерството потенцираат дека врз основа на сите параметри, крајната одлука по ова прашање ја има Министерството за економија.