До 30. овој месец земјоделците може да аплицираат за директни плаќања за регистрирано преземено пчелно семејство. Корисници може да бидат земјоделските стопанства кои поседуваат минимум 10 регистрирани преземени пчелни семејства.
„За земјоделските стопанства, кои поседуваат од 10 до 50 регистрирани преземени пчелни семејства, висината на директните плаќања изнесува 600 денари по пчелно семејство. За земјоделските стопанства, кои поседуваат над 50 регистрирани преземени пчелни семејства, висината на директните плаќања изнесува 800 денари по пчелно семејство, евидентирани или регистрирани од Агенцијата за храна и ветеринарство, како примарни производители на производи од животинско потекло, или одобрени од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство како оператори со храна, или имаат предадено мед во објект одобрен од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство“, информираа од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Од ресорното Министерство соопштуваат дека земјоделските стопанства можат да аплицираат и за дополнителна субвенција од подмерката 2.18. за пчелни семејства вклучени во селекција за производство на пчелни матици, односно за подмерката 2.19. Корисници на оваа дополнителна подмерка се земјоделските стопанства запишани во Регистарот на одгледувалишта на пчели и се регистрирани одгледувалишта на пчелни матици или се нивни членови. Висината на директните плаќања изнесува 2.000 денари по пчелно семејство, кое е вклучено во селекција за производство на пчелни матици.