Неколку десетици мигранти по потекло од Конго упаднаа во просториите каде порано беше сместена Македонската амбасада во Брисел.
Станува збор за објект, кој согласно Договорот за сукцесија на имотот на поранешна Југославија, им припадна на Северна Македонија и Хрватска.
Бриселските власти преговараат со организаторите на „окупацијата“, здружението Волонтери за интеграција на лицата без регулиран престој во Брисел (ЦСПБИБ), со цел мигрантите доброволно да го напуштат објектот, кој има екстериторијален статус.
Во разговор со претставници на нашата Амбасада во Брисел, од здружението дале ветување дека мигрантите нема да уништат или да украдат нешто од просториите, туку дека на овој начин само сакаат да извршат притисок врз властите за сместување на овие лица.
Бриселскиот порталот „Бруз“ објави дека во објектот влегле 50-тина од групата од околу 150 лица кои досега биле сместени во друга зграда, од каде требало да бидат иселени во рок од една недела.
Претставникот на ЦСПБИБ, Сван Грос изјави дека целта на оваа акција е само да се привлече вниманието на јавноста со проблемот за недостигот на капацитети за сместување на мигрантите.
– Од суштинско значење е да се сфати дека многу луѓе во оваа група, вклучително и семејства со деца, се наоѓаат во многу тешка ситуација. Окупацијата не е само средство за обезбедување сместување, туку и за изготвување политички проект за регулирање на статусот на сите лица без документи, изјави Грос за новинската агенција Белга.
Тој упати апел да властите „конечно да ги преземат своите одговорности“ и да донесат „вистинска политика за регулација, што ја препознава човечката вредност на оние кои живеат во страв дека ќе бидат депортирани“.
– Белгија може да им го обезбеди она минимум достоинство на лицата без документи, што значи модел на регулирање на нивниот статус врз основа на јасни и трајни критериуми со кои ќе се почитуваат основните човекови права, додаде Грос.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Белгија веќе некое време се соочува со недостиг на простор за сместување на овие лица, како резултат на зголемениот прилив на баратели на азил.
Кон крајот на август белгиската државна секретарка за азил и миграција Никол де Мур најави дека Федералната агенција за прием на баратели на азил (Федасил) повеќе нема да им обезбедува сместување на барателите на азил-самци, со цел во услови на „зголемен прилив на семејства со деца“ да има доволно места за нивно загрижување и да се избегне опасноста „деца да останат на улица во текот на зимата“.
На ова реагираа осум белгиски здруженија за човекови права, кои ја обжалија одлуката на Де Мур пред Државниот совет на Белгија, оценувајќи дека со неа не само што се кршат правата на барателите на азил, туку и правото на ЕУ и дека нејзиното спроведување „ќе ги остави мигрантите на улица“.
Државниот совет, кој е највисок административен суд во Белгија, кон средината на септември пресуди дека со таквата одлука „не се почитува правото на прием“ на азилантите утврдено со закон, кој им гарантира материјална помош, вклучително и сместување, на сите баратели на азил во текот на постапката за одлучување по нивната апликација.
– Законот не дозволува партиите да им го одземат тоа право на одредена категорија баратели на азил, во овој случај мажи-самци, заклучи Советот.
Но, според Де Мур, само затоа што Државниот совет одлучил така, не значи дека наеднаш би било можно на овие луѓе да им се најде сместување.
– Нема дополнителни места. Ова е привремена мерка што ја презедов за да се осигурам дека има доволно места за семејствата и децата, изјави Де Мур, додавајќи дека нема намера да се откаже од својата идеја за да не дозволи семејства на азиланти со деца да останат на улица во текот на зимата, затоа што државата нема каде да ги смести.
Весникот „Тајд“ на почетокот на месецов објави дека Белгија планира да изгради два времени центри за сместување во кои во текот на зимскиот период би биле згрижени барателите на азил, за кои Владата веќе пронашла две парцели каде ќе бидат поставени монтажни објекти за времено згрижување, но засега не ги соопштува нивните точни локации.
Ваквиот план уследи по барањето на белгискиот премиер Александер Де Кро упатено до министрите во неговата Влада и останатите администрации во Белгија да „преземат одговорност и да им обезбедат сместување“ на лицата кои бараат меѓународна заштита, што им е гарантирано со законодавството во земјата.
Се проценува дека овие два нови центри најверојатно нема да бидат доволни за справување со азилантската криза, поради што белгиската Влада се обидува да најде можни решенија за обезбедување на дополнителни слободни места за сместување на барателите на азил додека трае постапката за разгледување на нивните апликации.
Белгиските медиумите посочуваат и дека засега отпаѓа идејата предложена од двете зелени партии во владината коалиција, валонската Еколо и фламанските Зелени, како и од неколку организации за помош на мигрантите, за „задолжителна прераспределба на барателите на азил меѓу општините“, иако таква можност постои со актуелната законска регулатива, но таа не се применува во пракса.