Миграцијата на младите го празни образовниот систем – се бараат решенија

За седум години седумнаесет илјади ученици помалку во основните и средните училишта, а бројот на студенти е намален за седум илјади. Ова се должи на миграцијата на младите во други држави, каде што очекуваат да добијат поквалитетно образование и да имаат подобри можности за професионален развој. За да се спречи тоа, во тек е изработка на нов закон за средно образование, кој опфаќа бесплатно учење за децата од казнено-поправните домови и од ранливите категории, повеќе образовни асистенти и воведување професионален советник во училиштата. Најголемата промена пак ќе биде во матурата, која ќе биде ревидирана со цел да ги подготви учениците за понатамошно образование.

„Разликата е во материјалот кој го учеле. Стручните училишта имаат помалку општо образовни предмети, нивните прашања ќе бидат од тој материјал кој тие го совладале, а бидејќи гимназиите имаат повеќе општи предмети, тие ќе имаат прашања од тој материјал“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.

Во тек е изработка и на нов закон за високо образование, кој ќе обезбеди можност за вработување на најдобрите студенти.

„Министерството за образование и наука се вклучи во процесот да овозможи поголемо задоволство на младите, нивно вработување и подобар живот. Ќе вклучиме вработување на најдобрите студенти кои завршиле во државата, а ќе им дадеме и други погодности на сите студенти“, додаде Јаневска.

Во моментов се спроведува анализа на генерацијата 2022/23 година на сите универзитети во Македонија, за да се види колку од нив се вработиле, како се задоволни од работата и нивните примања. Со тоа би се знаело какви реформи се потребни во образованието, односно модернизирање на студиски програми и ставање во мирување некои студии.