Микророботи наскоро ќе ги отстрануваат инфекциите на синусите без лекови

Научници во Кина и Хонг Конг велат дека создале минијатурни роботи кои можат да помогнат во чистењето на сериозни бактериски инфекции длабоко во синусите, без потреба од операција или лекови.

Објавена во списанието Саенс Роботикс (Science Robotics), студијата објаснува како овие микророботи, помали од дебелината на човечко влакно, можат да бидат водени од магнети и светлина. Тие работат со разградување на тврдокорни бактериски наслаги и производство на супстанции што ги убиваат бактериите.

Инфекцијата на синусите, позната и како синузитис или риносинузитис, е воспаление на просторите исполнети со воздух во коските околу носот и очите.

Кога ткивата во овој простор ќе отечат или ќе се инфицираат, тие можат да предизвикаат симптоми како што се затнат нос или течење од носот, болка или притисок во лицето, главоболки, а понекогаш и намалено чувство за мирис или вкус.

Во тестовите врз животни, истражувачите ги инјектирале овие микро-роботи преку носот во синусната празнина. Откако ќе се најдат внатре, роботите биле водени до местото на инфекцијата и активирани за да произведат термички и хемиски реакции што би ги уништиле бактериите. 

Роботите биле во можност безбедно да ги отстранат инфекциите кај зајаците, а мртвите бактерии биле природно елиминирани.

Научниците од Кинескиот универзитет во Хонг Конг и универзитетите во Гуангкси, Шенжен, Џангсу, Јангжу и Макао очекуваат дека новиот пристап би можел да ја намали потребата од антибиотици и други вообичаени третмани.

Тие веруваат дека во рок од 5 до 10 години, микророботите би можеле да се користат и за лекување на инфекции во мочниот меур, цревата и други тешко достапни места.

Научниците од целиот свет работат на уште понапредни верзии кои би можеле да патуваат низ крвотокот, нудејќи нови начини за борба против инфекциите и попрецизно доставување лекови.