Новиот црногорски претседател Јаков Милатовиќ изјави дека прашањето за приклучување кон иницијативата „Отворен Балкан“ ќе биде разгледано и од идната Влада и од Парламентот и дека неговата политичка позиција е јасна – подобро е да се биде дел од отворен, отколку од затворен Балкан“.
„Идејата за Европската унија (ЕУ) произлезе како идеја за регионална економска соработка меѓу земјите од Бенелукс, Германија, Франција и Италија. Кога зборуваме за европска интеграција овде на Балканот, честопати забораваме токму на важноста на нашите сопствени регионални економски интегративни процеси. Унапредувањето на односите и регионалната соработка е нешто за што, како економист, отсекогаш сум се залагал“, изјави Милатовиќ за неделникот НИН коментирајќи ја иницијативата Отворен Балкан .
Тој рече дека членството во ЕУ е врвен приоритет и дека „се додека тоа е нашата главна цел, не гледам проблем зошто во исто време не би ја подобриле нашата регионална економска соработка“.
„Уште повеќе, мислам дека тоа е составен дел од нашата интеграција во ЕУ“, нагласи Милатовиќ.
Запрашан дали го познава српскиот претседател Александар Вучиќ и дали му честитал за победата на претседателските избори во Црна Гора, Милатовиќ рече дека немал можност лично да се сретне со него.
„Благодарен сум за писмото со честитки што го добив по победата на претседателските избори. Имавме и пријателски и пристоен телефонски разговор. И двајцата изразивме подготвеност да работиме на унапредување на соработката и решавање на прашањата што го оптоваруваат нашиот регион“, рече Милатовиќ.