– Претседателскиот кандидат на Движењето Европа сега, Јаков Милатовиќ изјави дека е сигурен во својата победа и дека единствено прашање е колкава ќе биде разликата меѓу него и кандидатот на Демократската партија на социјалистите. Мило Ѓукановиќ, пренесе МИНА.
По гласањето во Подгорица, Милатовиќ изјави дека денеска е историски ден и посака изборниот ден да помине добро.
-Верувам дека Црна Гора конечно е зрела како општество да ги смени претседателот и владата со молив. Дека конечно станавме демократски зрело и развиено општество, рече Милатовиќ.
Тој додаде дека е сигурен во својата победа, додаде црногорската агенција.
Според него, на овој начин ќе дојде до конечниот пораз на симболот на претходниот режим што владееше со Црна Гора во претходните 30-тина години.
-И дека денеска ќе направиме голем чекор напред кога станува збор за помирена, побогата, поправедна и конечно Црна Гора на сите нас, рече Милатовиќ.
Запрашан дали ќе му честита на Ѓукановиќ доколку победи, Милатовиќ повтори дека е апсолутно сигурен во неговата победа, пренесе МИНА.
Тој рече дека во првиот круг разликата била над 70.000 гласови и оти смета дека тоа за Ѓукановиќ во моментов е недостижно.
-Денес можеме само да зборуваме колку ќе биде голема разликата, а верувам дека ќе биде доста голема и дека Црна Гора конечно ќе биде, во целосна смисла на зборот, слободна земја, рече Милатовиќ.