Милевски и Барди пред дуелот со Украина: Само победа е опција

– Селекторот Благоја Милевски и капитенот Енис Барди вечерва на официјалната прес – конференција ги споделија очекувањата од утрешниот натпревар на македонската фудбалска репрезентација против Украина во Прага во рамки на квалификациите за пласман на ЕУРО2024.

Украина на првиот натпревар во Скопје во јуни забележа победа (3-2), иако на полувремето македонските фудбалери имаа два гола предност, но селекторот Милевски очекува сосема поразличен реванш.

– Ме радува нашата форма од септември и се надевам ќе ја задржиме. Утрешниот натпревар ќе биде различен од тој во Скопје. Доаѓаме во фаза двете селекции да се борат за втората позиција и само победа би ни одговарала. Очекувам отворен натпревар и допадлив фудбал. Мора да бидеме фокусирани за време на сите 90 минути, а не само 60-65 минути како што беше во Скопје. Имаме измени во тимовите од јуни, од тој аспект очекуваме да постои разлика од јунскиот дуел, изјави Милевски.

Капитенот Барди наведе дека и покрај неколкуте отсуства во украинскиот тим, станува збор за многу квалитетна репрезентација.

– Не размислуваме за нивните отсуства, туку само за нашиот тим. Секогаш разговараме за нашите слаби страни и како да се подобриме. Зборуваме за менталитетот кој сакаме да го промениме, се консолидиравме и го надминавме јунскиот пораз. Со самото тоа што го носиме репрезентативниот дрес, значи дека ние сме најдобрите играчи во моментот, не е потребна поголема мотивација, рече Барди.

Пред утрешниот дуел, кој започнува во 15 часот, македонската репрезентација е на четвртото место во квалификациската група Ц со седум бодови, колку што имаат и Украина на третото и Италија на второто место. Лидер на табелата е Англија со 13 босови, додека Малта е на последното место без освоен бод.