Милијардерот свртел број за да провери дали вработените го лажат – тишината траела 10 минути

Основачот на „Амазон“, Џеф Безос, се јавил во својата служба за корисници на средина од состанокот за да им ја покаже на своите вработени непријатната вистина.

Познато е дека поранешниот извршен директор на компанијата секогаш го ставал задоволството на клиентите на прво место, а неговата филозофија дека „клиентот е крал“ го претвори Amazon во бизнис гигант чија вредност денес се проценува на повеќе од два трилиони долари, пишува Unilad.

Сепак, за време на еден состанок, Безос сфатил дека некои од неговите виши менаџери ги занемариле овие вредности. Тие тврделе дека клиентите со проблеми можат да бидат поврзани со оператор на кол-центар за помалку од една минута, но милијардерот имал цврсти докази дека тоа не е вистина, пред сè благодарение на големиот број поплаки што ги добила компанијата, пишува Bizlife.

Во гостувањето во декември 2023 година во подкастот на Лекс Фридман, Безос се сети на изведувањето на својот познат трик за да ги соочи вработените со вистината откако се обидоа да го убедат дека сè е во ред со услугата за корисници.

Податоци наспроти анегдоти

– Имам една изрека: кога податоците и анегдотите не се совпаѓаат, анегдотите обично се точни – објасни Безос. „Тоа не значи дека само робовски ги следите анегдотите, туку дека одите и ги гледате податоците.“

– Проблемот обично не е во погрешните податоци, туку во фактот дека не го мерите правилното – додаде тој.

Потоа, на изненадување на сите присутни, Безос го вклучи звучникот и се јави во својата служба за корисници. Завладеа тишина додека тој и неговиот тим чекаа операторот да се јави. Чекањето се продолжи речиси десет минути пред некој конечно да се јави, што драматично ја докажува поентата на Безос.

– Ова потврди дека нешто не е во ред со нашето собирање податоци. Започна цела низа настани што доведоа до тоа да почнеме правилно да мериме – рече тој.

– Тоа е пример за соочување со вистината. Понекогаш е непријатно, но мора да ја бараш вистината дури и кога не ти се допаѓа – заклучи тој.

Реакции на социјалните мрежи

Оваа анегдота стана вирална, а корисниците на социјалните мрежи ја сметаат за урнебесна. „Замислете си да седите на состанок и да чекате во тишина 10 минути за да ви одговори службата за корисници, откако штотуку му кажавте на Џеф дека податоците покажуваат чекање од 60 секунди и дека сè е во ред“, напиша еден корисник.

Друг додаде: „Замислете да работите во кол-центар и одеднаш да добиете повик од самиот Џеф Безос, хахаха.“