Високиот претставник за Босна и Херцеговина од Европската унија, Кристијан Шмит, во петокот остро го критикуваше усвојувањето на законот со кој повторно се воведува криминализација на клеветата во Република Српска, предупредувајќи дека тоа е отворен напад врз граѓанските слободи и јасно кршење на обврските кои произлегуваат од Дејтонскиот договор.
Владејачкото мнозинство во парламентот на Република Српска, контролирано од Милорад Додик, во четвртокот, игнорирајќи ги бројните критики, гласаше за измена на кривичниот законик, со кој клеветата стана кривично дело со пропишани казни до три илјади евра.
Законските измени подразбираат водење на кривична постапка и тужби за клевета, која може да трае со години, а на обвинетите може да им се ускрати правото на работа и патување. Опозициските партии во РС отворено предупредија дека ова е обид на Милорад Додик да спречи каква било критика на Владата и да ги задуши независните медиуми.
Во реакцијата што следеше од ОХР, беше наведено дека – „криминализацијата на клеветата е напад врз граѓанските слободи, што е карактеристично за авторитарните режими“.
„Овие промени ја ограничуваат слободата на говорот и го стеснуваат просторот за граѓанско дејствување, кои се темелите на едно демократско општество“, предупреди Кристијан Шмит. Тој посочува дека на властите во РС сега им се дава можност да ги задушат и цензурираат медиумските слободи и граѓанското општество, да го ограничат слободното критичко размислување и да ги замолчат неистомислениците, бидејќи се отвора патот за сомнителни кривични постапки и деградација на слободата и демократијата на штета на граѓаните.
Овие промени претставуваат и назаден чекор на патот на Босна и Херцеговина кон членство во ЕУ, бидејќи тие не се во согласност со 14-те реформски приоритети според мислењето на Европската комисија.
Како што е најавено, ОХР внимателно ќе следи што се случува на терен во тесна координација со сите релевантни меѓународни актери.
Воведувањето на криминализацијата на клеветата го осудија и мисиите на Обединетите нации, ОБСЕ, Советот на Европа, како и делегацијата на ЕУ во БиХ и амбасадите на САД и Велика Британија.
Сите овие критики во петокот ги отфрли претседателот на Парламентот на РС, Ненад Стевандиќ, близок соработник на Милорад Додик.
„Мораме да почнеме да воведуваме ред“, вели Ненад Стевандиќ, истакнувајќи дека дури и лошиот ред е „подобар“ од анархија.