Која е улогата на професор доктор Снежана Смичкоска во лекарскиот конзилиум на Клиниката за онкологија и колку таа придонесува во носењето на одлуките за оваа клиника, ја праша денеска пратеникот Антонио Милошоски директорката на клиниката Виолета Клисаровска која беше сведок на Анкетната комисија во Собранието за скандалот Онкологија. Клисаровска истакна дека целта на онколошкиот конзилиум е рационализација во препишувањето на лековите според медицина базирана на докази и според критериуми.
– Додека професорката беше во редовен работен однос на нашата клиника како раководител на еден од клиничките оддели беше член на конзилиумот. Тоа беше до 30 септември, откога докторката е во пензија и не е повеќе член на онколошкиот конзилиум, одговори доктор Клисаровска.
На ова Милошоски праша дали Клисаровска знаела дека доктор Снежана Смичкоска е во партнерска заедница со сопственикот на веледрогеријата „Пановски“.
– Да, секако дека знаев, меѓутоа професорката работи години наназад, целиот свој работен век е во клиниката. Тој податок го имав, не кријам, нема зошто, одговори Клисаровска.
Доктор Виолета Клисаровска, директорка на Клиника за онкологија / Фото Слободен печат, Драган Митрески
После ова следуваше подолг говор на Милошоски кој рече дека „клиниката не може да ја промени доминантната позиција на веледрогеријата ‘Пановски‘ но веледрогеријата „Пановски“ може да промени директор на клиниката“.
– Веледрогеријата „Пановски“ има свој акционер на клиниката. Невенчаната сопруга на сопственикот на веледрогеријата „Пановски“ која во 2006 година беше директорка на оваа клиника и за којашто имаше кривична пријава по која никогаш не се постапи, била секогаш акционер на веледрогеријата „Пановски“ внатре на Клиниката за онкологија. И кој е кругот? Почнува со МАЛМЕД, таму се утврдува кој има дозвола, тука се создава структурата на неговата моќ и доминантност во понудата на лековите. Вториот дел е министерот за здравство. Венко Филипче бил најуслужливиот министер кон веледрогеријата „Пановски“ досега, пресметано и во бројки, со милиони евра добивки и профит секоја година, а Клиниката за онкологија и директорите се најмалиот дел и најневлијателниот играч кој мора да игра по правилата на МАЛМЕД и на министерот за здравство и да ја одржат доминацијата на веледрогеријата „Пановски“, рече Милошоски.
Тој додаде дека во ова гледа конфликт на интереси.
– Не може невенчаната партнерка на сопственикот на една веледрогерија да биде дел од конзилиумот на клиниката кој што одлучува за лекарствата, ценитe, терапијата и средствата што треба да бидат потрошени. Системски се поставени работите за ова да доминира. Ова доминира зашто големиот профит е искушение за министерот. Затоа што би му следувала голема провизија доколку игра според правилата што би ги наметнал сопственикот на веледрогеријата „Пановски“ кој што си има свој најблизок човек со кого ја дели и интимата, го дели и профитот и таа е негов главен адут во самата клиника, рече Милошоски од собраниската говорница на Анкетната комисија.
Изрази жалење што Комисијата нема надлежност да одлучува за приватни фирми и надлежност да одлучува кој набавува или не набавува
-Овде имаме пенетрација на еден фармаколошки олигарх, на една пресилна веледрогерија која и лично и семејно е вклучена во носењето на одлуките за сопствениот профит. Затоа толку беше напаѓан конкурентниот таканаречен паралелен увоз на лекови. Зашто тој на некого му крател од профитот. Зошто и денес да нема паралелен увоз на лекови? Затоа што наместо 40 милиони евра профит годишно, веледрогеријата „Пановски“ ќе направи можеби, само 10 милиони евра. Тука лежи најголемиот проблем, додаде пратеникот.
Според него, треба да се создадат поконкуретни услови.
– Госпоѓата доктор Снежана Смичкоска е директорот во сенка на Клиниката за онкологија изминатите шест, седум или осум години. Таа е акционерот на семејството на веледрогерија „Пановски“ која од внатре одлучува колку профит оваа веледрогерија ќе добие. Додека не се воведат поконкурентни услови и додека имаме на клиниките невенчани партнерки на сопственици на веледрогерии ние ќе имаме прескапи лекови, преголем профит, директори и министри во искушение дали да земат или не провизија и скандали кои ќе ни се појавуваат на секои 5-6 години ако ги откријат лекарите, новинарите или пациентите, додаде Милошоски.