„Во вториот круг секако ќе имаме пораст на гласови, но во секој случај тешко е да се споредуваат локални и парламентарни избори, бидејќи на локалните избори има помал процент на излезеност, а поголема фрагментација по однос на големата бројка на листи за кандидати за советници. На парламентарни избори има поголем процент на излезеност, а истовремено има помала фрагментација и национална униформирана кампања“, вели Антонијо Милошоски, член на ИК и пратеник во македонското собрание од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју на Алсат телевизија.
Милошоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ има убедливо најголема победа на локалните избори досега, како и дека претставува мотив за да се продолжи со посветена работа и во иднина. Пратеникот Милошоски додаде дека во вториот круг очекува уште една голема победа и посветеност за оправдување на довербата којашто ја добиваме од граѓаните.
„Ние овие локални избори ги споредуваме со локалните избори во 2021 година. Имаме пораст и во бројот на добиени советници и во бројот на добиени градоначалници. 2021 година освоивме 22 градоначалници, а сега имаме 33 градоначалници, наспроти тоа, ги имаме ДУИ со освоени само 3 градоначалници, СДСМ само 3 градоначалници и ВЛЕН како коалиционен партнер со освоени 5 градоначалници“, рече Милошоски во интервју на Алсат и додаде:
„Затворена е темата за предвремени избори и за влегувње на ДУИ во Владата, овие теми за предвремени избори и влегување на ДУИ во Владата ги користеше партијата на Али Ахмети за мобилизација на сопственото членство дека наскоро ќе се случи триумф на ДУИ и ќе победи во многу општини, ВМРО ќе биде принудена да организира предвремени избори, ДУИ во април мај влегува во Влада, тоа веќе е завршено, нема предвремени избори, ДУИ останува во опозиција. Сметаме дека како владина коалиција ја добиваме повторно поддршката којашто ни е потврдена и на локално ниво“.