Милошоски: Никој никого не може да отчлени од НАТО, Мицкоски во јавните настапи ќе користи „Македонија“

Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, во името на партијата одговори на прозивките од Грција, пред сè од премиерот Кирјакос Мицотакис, во однос на употребата на „Македонија“ во јавните настапи на претставниците на новата власт во македонската држава.

„Господинот Мицкоски, како и претседателката Силјановска-Давкова, напоменаа дека формално-правните текови на комуникација ќе ги следат врз основа на новата реалност, а во однос на колоквијалната употреба во нивните јавни настапи ќе го користат терминот ‘Македонија’, што сметам дека не е спротивно на членот 7 од Преспанскиот договор, каде е јасно дефинирано дека секоја од страните може да го користи и терминот ‘Македонија’, и терминот ‘македонски’“, изјави Милошоски за ТВ 21.

„Во однос на Северноатлантската алијанса, како Грција, така и Македонија, двете земји се членки и никој не може никого да отчлени од оваа воено-политичка алијанса. Доколку Грција смета дека дипломатскиот и политички капитал треба да го троши на ова нешто, тоа е нивна проценка“, додаде македонскиот министер за надворешни работи од 2006 до 2011 година.