Заменик-претседателот на Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на својот Фејсбук профил го коментираше вчерашниот избор на судии во Апелациониот суд, нарекувајќи го незаконски, додека за претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, нагласува дека и тој сторил кривично дело.
„Во постапката за избор на судии во Скопска Апелација, направени се фундаментални процедурални повреди од страна на Судскиот совет, имало неправилна примена на материјалното право и не била целосно утврдена фактичката состојба. Станува збор за сериозни незаконитости поради кои, во случај на евентуална тужба од страна на кој било од кандидатите пред надлежниот суд, одлуките за избор во Скопска Апелација ќе бидат поништени, слично како што пред извесно време беше поништена незаконската постапка на Судскиот совет за номинирање на член на Уставниот суд“, пишува Милошоски.
Според него, доколку Јавното обвинителство или некој од кандидатите ја достави целата документација што покажува дека Судскиот совет ја игнорирал конечната одлука на Врховниот суд и конечната пресуда на Управниот суд – кои, по тужбата на еден од кандидатите, укажуваат на суштинско прекршување од страна на Советот во оваа постапка за рангирање – тогаш тие ќе имаат сериозни основи за поднесување обвинение против претседателот на Советот, Александар Камбовски, за неспроведување на судската одлука, што е казниво според член 377 од Кривичниот законик.
„Трагично или не, дури ни илузионистот Дејвид Коперфилд не можеше да постигне судска реформа со овој состав на Судскиот совет“, вели тој.
Милошоски истакнува шест нерегуларности, кои ги објаснува детално. Според него, првата е поврзана со фактот дека ниту записниците, ниту ранг-листите за кандидати за Апелациониот суд во Скопјe не се потпишани и заверени во целост од Комисијата за рангирање на кандидати за избор во највисокиот суд, која треба да има три члена – додека нив ги потпишуваат само двајца.