Во Собранието се одржа конститутивната седница на Меѓупартиската парламентарна група за следење на спроведувањето на обврските од Берлинскиот процес и реформската агенда од Планот за раст.
„Иницијативата за оваа група беше покрената во октомври минатата година и истата беше прифатена од сите страни“, информираат од владината прес-служба.
Во нејзиното конституирање денес, за претседател на Групата едногласно беше избран потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, по предлог на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
„Милошоски се заблагодари за довербата и вети повеќе активности за Групата. Тој нагласи дека формирањето на оваа Група е од исклучително значење за Собранието за да се обезбеди парламентарен надзор и поддршка во спроведувањето на главните реформски обврски што произлегуваат од Берлинскиот процес и новата реформска агенда од Планот за раст, како стратешки приоритети на државата. За да биде поуспешна, тој предложи членство не само на 29-те актуелни пратеници, туку и на невладини организации“, се наведува во соопштението за јавноста на Собранието.
Парламентарната меѓупартиска група за следење на спроведувањето на обврските од Берлинскиот процес и реформската агенда од Планот за раст ќе се занимава со степенот на реализација на обврските поврзани со регионалниот Заеднички пазар, јавни и надзорни дебати со претставници на извршната власт, а во врска со проектите што се дел од целите на Берлинскиот процес, со претставување на Собранието на регионални и меѓународни настани организирани во рамките на Берлинскиот процес, како и со други активности поврзани со Планот за раст на Европската комисија.
Берлинскиот процес вклучува 9 земји-членки на ЕУ, како и Обединетото Кралство, додека пред една година во него беа вклучени не само влади, туку и парламенти. Германија моментално го предводи Берлинскиот процес, но од јуни Обединетото Кралство ќе го преземе претседателството.