Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска во изјава за медиумите рече дека не е точно дека предметите филозофија и логика се отстранети од концептот на реформи во средното образование, како што дел од професорите од средните училишта по овие предмети отворено оцени дека е самоубиство се предлага концепт за средно образование без филозофија, логика и етика.
„Не е точно, ниту филозофијата, ниту логиката не се отстрануваат. Но, како и да е, ова е нацрт верзија ставена на јавна дискусија. Сега собираме предлози, забелешки и откако ќе заврши јавната расправа ќе дојдеме до конечен заклучок. Пред два дена бев на Филозофскиот факултет, имав средба со професорите на Филозофскиот факултет, имавме многу конструктивен разговор. Ја очекувам и нивната поддршка, бидејќи ги послушавме и ќе постапиме по заеднички препораки, но пред сè за доброто на учениците“, рече Јаневска.
Во однос на предметот Сексуално образование, министерката посочи дека овој предмет останува како слободен изборен предмет во деветто одделение и продолжува во средното образование.
Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието информираа дека е изработен нацрт-концепт за реформи во средното образование и ги повикаа сите наставници, ученици, родители, експерти и заинтересирани страни да учествуваат во јавната дискусија со свои размислувања, предлози и забелешки за усвојување на најдобрата верзија. Целта, како што истакнаа, е да се обезбеди модерен, инклузивен и конкурентен образовен систем, а коментари може да се испраќаат на веб-страницата на Бирото за образование до 31 јануари.
За студентскиот сојуз и дали ќе се зголеми сумата или бројот на студенти, таа нагласи дека се чекаат резултатите од преговорите меѓу студентите.
„Ставот е сосема јасен, веќе неколку пати се договоривме. Во овој момент ги чекаме резултатите од преговорите меѓу студентите. Штом ги добиеме ќе дејствуваме”, рече Јаневска која денеска учествуваше на промоцијата на првата интегрирана книга за гинекологија и акушерство напишана на македонски јазик.