Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во рамки на посетата на Вашингтон оствари средба со високи претставници на Банката на Америка.
На средбата се разговарало за позитивните макроекономски резултати на Македонија, стабилната фискална политика, како и активностите што ги спроведува Владата за подобар пристап до глобалните финансиски пазари и поддршка на реформите.
Димитриеска Кочоска имала и средби со претставници на меѓународни инвестициски фондови, каде биле разгледани можностите за понатамошна соработка и зголемување на довербата во економските политики на земјата.
„За мене важно е постојано да градиме доверба и партнерство со глобалните финансиски институции – само така можеме заедно да обезбедиме стабилен и одржлив економски раст за нашата земја“, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.