– Министерот за земјоделство Љупчо Николовски денеска беше на средба со заинтересирани лица за грантови за мали семејни винарии и дестилери. На иницијатива на Министерството за земјоделство, во соработка со Здружението ,,Тиквешки семејни винарии” и претставници на ,,Македонски дестилерии”, во Неготино се одржа средба, на која присутните можеа да слушнат околу грантовите што можат да ги добијат за унапредување на своето производство. Деновиве беше објавен вториот повик за поддршка на мали семејни винарии. На средбата беа истакнати позитивните резултати од првиот ваков повик минатата година.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство се осврна на поддршката што секогаш се дава во изминатиот период.
– Имавме интензивни разговори во 2022 година во делот на целиот модел на субвенционирање на сите програми, а многу време се потроши и на новите програми, додаде тој.
Николовски потсети на поддршката за заживување на програмата за стартап мали семејни бутик винарии, мали производители на вино, програма што даде одлични резултати.
– Тоа беше мотив за да се продолжи и да се работи на програмата за дестилерии и да се работи на она што денеска е актуелно, програмата за мали производители на храна. Волјата за поддршка ја покажуваме со овие нови програми. Нашиот фокус е да се поддржат малите производители. Сите нови програми ќе се тестираат и ќе се менуваат во наредниот период и ќе прераснат во системски мерки и политики. Успехот што беше со поттикнувањето на малите семејни винарии даде поттик за нови поддршки, нагласи министерот.