Министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска, со високи државни и воени почести ја пречека делегацијата од Романија предводена од министерот за национална одбрана, Ангел Тилвар, кој престојува во еднодневна официјална посета на земјата.
Според соопштението на Министерството за одбрана на Северна Македонија, на денешната билатерална средба помеѓу двете делегации било истакнато дека ваквите состаноци се многу важни особено заради безбедносната состојба во Европа, и на овие состаноци се споделуваат идеи и се дискутира за идните чекори.
Министерката Петровска потенцира дека романската надворешна политика е многу одговорна и посветена на мирот и соработката и упати благодарност за континуираната поддршка на Северна Македонија на патот кон ЕУ.
Информирајќи го за модернизацијата на Армијата и реформите во одбраната, Петровска рече дека како и досега, така и понатаму Северна Македонија ќе продолжи да придонесува со своето активно учество во промовирањето на мирот и безбедноста и како НАТО-сојузник, особено во зајакнување на источната граница на Алијансата.
„НАТО-мисијата еВА (eVA – enhanced Vigilance Activities) во Романија и Бугарија – не се само политички одлуки, за нас е многу важно со вистински операции да покажеме дека сме дел од НАТО“, потенцираше Петровска.
Во тој контекст, романскиот министер Тилвар изрази благодарност за придонесот на Северна Македонија во НАТО-мисијата eVA.
„Вашата поддршка во еВА не е само политичка одлука, туку ја покажува вашата посветеност за одбрана на слободниот свет. НАТО донесе правилна одлука со членството на Северна Македонија во Алијансата, затоа што се докажавте како добри пријатели“, рече Тилвар.
Тој додаде дека токму во овие кризни времиња Европската Унија не треба да ја остави интеграцијата на Западен Балкан настрана и ја нагласи важноста на регионот на Црното Море и за мирот во Западен Балкан и во Европа.
„Докажавте во НАТО дека сте доверлив пријател, вие сте придонесувач за безбедноста и стабилноста на Западен Балкан, ќе бидете доверлив пријател и на Европската Унија“ потенцираше Тилвар.
Од страна на двајцата министри беше кажано дека веќе потпишаниот План за билатерална одбранбена соработка, што содржи 17 заеднички активности, е показател за одличната соработка.