– Министерот за правда Кренар Лога испрати дописи до Амбасадата на САД во Република Северна Македонија, Делегацијата на ЕУ, Мисијата на ОБСЕ и Програмската канцеларија на Советот на Европа со кои ги информира за неспроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права од страна на Република Бугарија.
Во дописот, што е испратен заедно со 14-те пресуди, информираа од Министерството за правда, посочено е дека се бара поддршка од меѓународната заедница во делот на унапредувањето и заштитата на човековите права.
– Исполнувањето на оваа цел подразбира постоење на континуирана заложба и за доследно почитување на меѓународните обврски кои Република Северна Македонија ги има превземено како земја која моментално е во процесот на евроинтеграции.Почитувањето на меѓународни документи е исклучително важен сегмент за кој особено земјите членки на ЕУ, но и земјите кои претендираат да добијат членство во ЕУ е неопходно да се залагаат, стои во соопштението од МП.
Меѓународната заедница, се посочува, претставува исклучително важен партнер на Република Северна Македонија, кој е вклучен во сите реформски процеси и партнер кој несомнено цврсто и доследно се залага за почитување на владеењето на правото.
– Оттука, Министерството за правда смета дека е од особена важност да се актуелизира прашањето за неспроведувањето на пресуди на ЕСЧП , истакнувајќи ја потребата од поддршка од меѓународната заедница за доследно спроведување на пресудите на судот, се вели во соопштението од МП.