Министерот Тошковски во посета на Центарот за борба против тероризмот во Унгарија

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски при посетата на Будимпешта ги посети специјализираните одделенија ТЕК (Центар за борба против тероризмот) и Кезенлети Рендрсег (Оддел за брз одговор и специјални полициски служби) на унгарската полиција.

Како што информираат од Министерството, Тошковски ја предводеше делегацијата на Министерството за внатрешни работи на седмата министерска конференција од Будимпештанскиот процес.

„Во рамки на две посети остварив средби со директори, на кои им беше претставена организациската структура и капацитетите на овие сектори, како и нивниот пристап во справувањето со современите безбедносни предизвици. Разговаравме за можностите за соработка во делот на обуката на нашите полициски сили, со цел зајакнување на капацитетите и унапредување на знаењата и вештините кои се од витално значење за справување со најразлични безбедносни ситуации. Оваа размена на искуства ме убеди дека постои силна поддршка и подготвеност за заедничко делување и партнерство, што ќе придонесе за подобра безбедност во нашиот регион“, нагласи Тошковски.

Министерот Тошковски ја истакна подготвеноста за градење меѓународни односи и партнерства кои ќе ја зајакнат нашата полиција и ќе обезбедат поголема безбедност за нашите граѓани.