Министерството за внатрешни работи ќе го награди полицаецот кој спречи самоубиство на девојка во Тетово

По вчерашниот инцидент во Тетово, каде што полицајците спречија трагедија и спасија млад живот, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес се сретна и разговараше со својот колега Беким Исмани, кој со извонредна храброст и смиреност го спречи девојчето да скокне и да си го одземе животот, додека самиот беше повреден од ножот што го држеше.

„Станува збор за млада девојка, жртва на тешка животна ситуација и психолошка криза. Благодарение на навремената и решителна интервенција на нашите полицајци од Секторот за внатрешни работи Тетово, таа денес е жива и надвор од животна опасност.“

„Ова не е само официјална акција, ова е чин на жртва, хуманост и длабока посветеност на мисијата за заштита на секој човечки живот. Во рамките на законските можности, ќе го наградам мојот колега Беким Исмани во знак на благодарност за неговата храброст, професионализам и несебично дејствување“, нагласи министерот Тошковски.

Тошковски нагласи дека вистинската сила на полициската професија се гледа во најтешките моменти.

Инаку, инцидентот се случил вчера во хотелски објект, во кој девојката сакала да изврши самоубиство.