Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство апелира до граѓаните на внимателност и посебна претпазливост во претстојниот период поради високите температури и ризикот од пожари на отворен простор.
Особено внимателни, како што посочуваат, треба да бидат земјоделците и сточарите при извршување на своите активности за да не дојде до неконтролирано палење на земјоделско земјиште и пасишта што, како што нагласуваат од Министерството, е строго забрането со закон и претставува казниво дело.
„Од суштинско значење е јавноста да ја разбере опасноста и последиците од појавата на пожари на отворен простор и со своето однесување да придонесе кон заштита и сочувување на шумите, односно животна средина, имотите и заедниците во целина“, наведуваат од Министерството за земјоделство.
Советуваат да се избегнува палење на каков било оган за време на периоди на силен ветер или суво време, како и пронаоѓање на побезбедни методи за расчистување на земјиштето и отстранување на горливиот материјал. Дополнително, повикуваат во случај на пожар јавноста брзо да алармира на единствениот број за итни случаи 112.
Со цел спречување на пожари на отворено, воведена е забрана за движење во шуми и шумски подрачја во периодот од 1 јули до 31 август.