Министерството за економија и труд во Република Македонија, преку Агенцијата за вработување, го објави јавниот повик за мерката „Поддршка за создавање нови работни места преку зелени инвестиции“, која е дел од Оперативниот план за програми и активни мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година, објави Министерството за економија во соопштение.
„Оваа мерка овозможува вклучување на 200 невработени лица – активни баратели на работа, кои ќе бидат вработени во микро, мали и средни претпријатија кои ќе инвестираат во зелени технологии, производи и процеси. Финансиската поддршка се обезбедува во форма на неповратни грантови од 250.000 до 750.000 денари, во зависност од бројот на новосоздадени работни места:
-250.000 денари за ново работно место,
-500.000 денари за две нови работни места,
-750.000 денари за три нови работни места.
Преку оваа поддршка, компаниите ќе можат да финансираат купување нова опрема и машини, софтвер и лиценци, опрема за обновливи извори на енергија, како и материјали за енергетска ефикасност“, се наведува во соопштението.