Северна Македонија е меѓу првите земји во Европа што го усвои најновиот европски стандард во дигиталното здравство – „Жолтото копче“, дел од регулативата за Европски простор за здравствени податоци (EHDS), објави Министерството за здравство.
На меѓународниот настан IHE-Europe Connectathon 2025 во Виена, националниот здравствен информативен систем „Termini Im“ успешно ги помина сите предвидени технички тестови, добивајќи ја највисоката ознака за интероперабилност – Silver Industry Label, што потврдува дека системот е технички хармонизиран со европските стандарди.
„Преку новиот стандард „Жолто копче“, граѓаните ќе можат да имаат лесен, безбеден и транспарентен пристап до своите здравствени податоци, како што се општата здравствена состојба, медицинските извештаи, алергиите и нетолеранциите, тековните терапии, дијагностичките резултати, имунолошкиот статус и друго. Овие податоци се презентирани во формат на Меѓународен преглед на пациентот – еден вид „пасош за здравствени податоци“, универзално разбирлив и технички хармонизиран документ, кој ги собира најважните здравствени информации за пациентот“, информира Министерството за здравство.
Со ова, Северна Македонија уште еднаш се потврдува како пионерска земја во имплементацијата на европските стандарди за дигитално здравје, четири години пред тие да станат задолжителни во ЕУ (2029 година).
Претходно, земјата беше меѓу првите надвор од ЕУ што имплементираше дигитални сертификати за Ковид и паметни здравствени картички, благодарение на инфраструктурата на системот „Мој термин“.
Според планираните активности, новата функционалност ќе им биде достапна на граѓаните преку „Мој термин“ до крајот на 2025 година, директно придонесувајќи за побезбедно управување со лични податоци, подобра грижа и полесна размена на здравствени информации во земјата и странство.