Министерство за одбрана: Италијанските воздухопловни сили ќе учествуваат во патролирање на македонското небо

Министерството за одбрана денеска соопшти дека согласно НАТО принципите на заменливост, а во насока на зајакнување на мисијата за воздушно патролирање (AIR Policing) над македонското небо, донесена е одлука Република Италија како дел од силите задолжени за јужното крило на НАТО, со своите воздухопловни капацитети да придонесе во извршувањето на оваа мисија.

Во периодот што следува, како што посочуваат од МО, ќе се пристапи кон усогласување на техничкиот аранжман помеѓу двете држави, по чие потпишување официјално и Италија ќе биде вклучена во оваа НАТО мисија над македонското небо. Патролирањето ќе се реализира помеѓу македонските, грчките и италијанските воздухопловни сили во координација со НАТО Центарот за воздухопловни операции во Торехон, Шпанија, се наведува во соопштението од Министерството за одбрана. 

Како дел од најголемиот воено политички сојуз, патролирањето над македонското небо е дел од одбранбена мисија на НАТО алијансата за зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста на македонските граѓани.

Од МО потсетуваат дека во текот на 2019 година се донесе првата одлука за Воздухопловно патролирање, по што следуваше потпишување на технички аранжман со Република Грција.

-Ова е мирновремена мисија која вклучува употреба на Систем за набљудување и контрола, како и соодветни средства за противвоздушна одбрана и воздухоплови за пресретнување со цел зачувување на интегритетот на националниот воздушен простор, потенцираат од Министерството за одбрана. 

Македонијаполитика